Со очајните изјави Заев се обидува да ја спаси партијата

Изјавите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дека наводно ВМРО-ДПМНЕ бега од скори избори во услови на сѐ уште незавршена епидемија од коронавирусот, челникот на опозицската партија Христијан Мицкоски во понеделникот ги оцени како момент на слабост на поранешниот премиер, храбрење во рамките на раслоената сопствената партија, раслоеното партиско ткиво.

Јас не би ги коментирал рејтинзите. Тоа што господинот Заев го чита како бројки претпоставувам дека и врз основа на тоа носи определени заклучоци. ВМРО-ДПМНЕ и јас лично сме убедени во убедлива победа на следните парламентарни избори кога и да се случат, така што еве изјавата на Зоран Заев ја сметам како негов момент на слабост, храбрење во рамките на раслоената сопствената партија, раслоеното партиско ткиво. Но, и тоа е легитимно да се бори да создаде некаква привидна  артифицијална кохезија внатре во самата негова партија, она што ние како ВМРО-ДПМНЕ можеме да го кажеме е дека и вие и сите ние знаеме кога и да се случат тие избори ВМРО-ДПМНЕ ќе победи,  господинот Зоран Заев нека ги коментира бројките. Се сеќавате во минатото често пати коментираше бројки и за референдумот и за претседателските избори, но за жал бројките подоцна во реалноста го демантираа. Така ќе биде и овој пат и ќе доживее голем пораз. Но, повторно ќе кажам, ниту мене лично, ниту на ВМРО-ДПМНЕ не ни треба власт по цена на човечки животи. Прво да ги санираме последиците кои што се резултат на оваа пандемија и разумно е потоа да одиме на избори каде што СДСМ ќе загуби“, истакна Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ претходно положи цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев по повод 117-годишнината од неговата смрт, по што одговараше на новинарски прашања, а беше прашан за следните чекори доколку во Македонија се случат брзи избори.

Притоа изрази задоволство од тоа што, како што рече, конечно и Заев признава дека не биле сите исти.

„Има политичари коишто власта не им е приоритет, туку приоритет им е здравјето на граѓаните и има политичари кои што сакаат да го ублажат поразот на следните парламентарни избори кога и да се случат и не водат сметка за здравјето на граѓаните, за економијата и сета онаа криза која што владее во државава и која што е резултат на вирусот КОВИД -19, кој што се случи и кај нас, не останавме надвор од она што се случуваше во светот“, рече Мицкоски.

Повтори дека во првите три приоритети на ВМРО-ДПМНЕ не се изборите по секоја цена и прецизираше дека прв приоритет е завршување на епидемијата, ставање на економијата погодена од кризата на здрави основи и враќање на самодовербата пеѓу македонските граѓани, бидејќи како што оцени таа е изгубена под влијанието на ситуациите изминативе месеци.

„Сите ние и вие знаме дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи кога и да се случат тие избори, но ниту јас сакам бидам мандатар, а ниту ВМРО-ДПМНЕ да биде мандатар, а истовремено да ги брои илјадниците заболени од вирусот и десетиците кои ќе ги изгубат своите животи. Избори ќе се случат тогаш кога ќе има услови за фер и демократски избори. ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на тие избори и ВМРО-ДПМНЕ ќе формира влада која ќе ги санира сите последици кои што се резултат на оваа пандемија која што завладеа и тоа не треба да се грижат граѓаните“, рече Мицкоски.

За иницијативата пред Уставниот суд за распуштањето на Собранието, Мицкоски посети дека во минатото е поднесена таква иницијатива кој што требаше да ја оценува уставноста на распуштање на пратениците, и оти тогаш Уставниот суд ја отфрли како неоснована.

„Слична некоја таква иницијатива претпоставувам ќе се најде на дневен ред сега или воопшто нема да се најде на дневен ред во среда. Да почекаме Уставниот суд да се произнесе и дури потоа ние како политичари ќе ја коментираме од наше гледиште  одлуката која што ќе ја донесат уставните судии“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.