Мартовската одлука за започнување преговори за членство со Македонија и Албанија ќе остане запишана во историјата како политичко наследство на хрватското претседавање со ЕУ, што претставува голема работа, изјави премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ за бриселскиот портал „Политико“.
Според Пленковиќ, започнувањето на преговорите за членство со ЕУ, на кое земјава чекаше 15 години, „можеби немаше ниту да се случи, доколку Хрватска не претседаваше со Унијата“.
– Доколку коцката за претседавање се паднеше на некој повлијателен, Ве уверувам дека без разлика на добрата волја на останатите, во првите шест месеци на институционалниот циклус немаше да има толку настани што се однесуваат на Балканот, потенцира Пленковиќ.
Тој е уверен дека токму затоа Македонија и Албанија „никогаш нема да го заборават тој сигнал на пријателство од ЕУ за време на хрватското претседавање“.
Во пресрет на денешниот виртуелен Самит ЕУ – Западен Балкан, Пленковиќ потенцира дека една од придобивките на актуелното хрватско претседавање со ЕУ, што завршува на крајот на јуни, е токму тоа што регионот на Западен Балкан повторно е вратен на агендата на Унијата.
Говорејќи за т.н. Загрепска декларација, што треба да биде усвоена на Самитот ЕУ – Западен Балкан, Пленковиќ нагласува дека би сакал таа да може да испрати силна поддршка на земјите од регионот.
– Реално направивме многу силен документ имајќи ги предвид околностите. Фактот што состанокот ќе се одржи претставува силен политички сигнал, додава Пленковиќ.
Тој смета дека Хрватска за време на претседавањето со ЕУ ги исполнила поставените цели и дека би било добро средби во овој формат на ниво на лидери на членките на Унијата и на земјите од Западен Балкан да се одржуваат секоја втора година.