Српскиот министер за култура и информирање Владан Вукосављевиќ, реагираше денеска по повод податоците за Никола Тесла на веб-страницата на Европската унија, изјавувајќи дека станува збор за „безброј пати повторен фалсификат“.
– Во врска со информациите дека на официјалната интернет презентација на Европската унија, во таканаречениот агол за учење се наоѓа податокот дека Никола Тесла е познат Хрват, со жалење констатирам дека се работи за веќе безброј пати повторуван фалсификат, кој упорно се вметнува од одредени кругови во Хрватска, со цел бесрамно присвојување и хрватизирање на српскиот културен и историски идентитет – наведе Вукосављвиќ во соопштението на министерството за култура и информирање.
Тој додаде дека му е особено жал што тоа се наоѓа на официјалната веб-страница на ЕУ, која, како што вели, „барем декларативно се залага за вистински историски погледи и политика на разбирање и взаемно почитување меѓу државите и народите во Европа“.
– Се надевам дека со извинување до српскиот народ, оваа непримерна грешка ќе биде исправена без одложување и дека ќе се создадат услови историските фалсификати никогаш повеќе да не се појават на официјалните интернет страници на ЕУ, наменети за образование на луѓе од сите возрасти – кажа српскиот министер за култура.
Во Википедија на српски јазик за Никола Тесла стои дека тој е српски и американски пронаоѓач, инженер за електротехника и машинство и футуристист, најпознат по неговиот придонес во проектирањето на модерен систем за напојување со наизменична струја
Во хрватската Википедија стои дека тој бил хрватски и американски електроинженер и пронаоѓач со српско потекло од Хрватска, роден во Лика, образован во Карловац, а работел скоро целиот живот во САД, каде ги направил сите свои пронајдоци.