
Владата веќе прави план за враќање на животот во нормала, а веќе се работи и на нови протоколи како да се отворат градинките, најави денеска техничкиот премиер, Оливер Спасовски при денешната посета на Пробиштип и увидот во градежните работи во изградбата на социјалната зграда.
– Јас сметам дека преку добро изградени протоколи, за однесување, што треба да се преземе од аспект на здравјето и на децата и на вработените во градинките и за спречување на ширење на коронавирусот, децата ќе можат да се вратат во градинките врз основа на тие протоколи. Меѓутоа за тоа владата ќе донесе одлуки, а важно е да има верба кај граѓаните – вели Спасовски.
Тој истакна дека во овие моменти е важна довербата на граѓаните. Последните истражувања и анкети покажале дека над 68 отсто од граѓаните сметаат оти vладата добро се справува со здравствената криза.
– Тоа покажува не дали има поддршка структурата и персоналот, туку дека граѓаните веруваат во институциите и тоа е многу важно. Оваа криза придонесе да ја вратиме вербата во институциите на системот.Ние имавме период од 11 години во кој се разоруваа институциите на системот, по било која основа и затоа таа недоверба беше во тој период. Мислам дека со ова придонесовме да ја вратиме довербата во институциите – вели Спасовски.
Тој посочи дека здравствените работници покажале, како пожртвувано се работи во ваква состојба, за да се сочува животот и здравјето на граѓаните и токму преку таа стекната верба во институциите може и лесно да се врати животот, но и да почнат со работа училиштата и градинките.