
За прашањето дали Македонија ѝ припаѓа на ЕУ или не, корените на нејзината државност и староста на нејзиниот национален идентитет и јазик се тотално небитни. Австријците не постоеја како посебна нација пред 1945 година и сега се среќни Европејци, а Германија не наметна никакви барања Австријците да ја преработат својата историја пред да влезат во ЕУ.
Така што, сегашниве барањата на Бугарите околу историјата се смешни и значат напад на слободата на изразувањето“, вели во интервју за Независен познатиот австриски историчар Улф Брунбауер, кој предава историја за Источна и Југоисточна Европа на Универзитетот во германскиот град Регенсбург. Тој е и академски директор на Институтот Лајбниц за Источна и Југоисточна Европа во Регенсбург. Околу различното толкување на историските настани Брунбауер вели дека „не станува збор за објективна вистина, туку за разбирање на вистината на другата страна. Не им штети на Македонците ако Бугарите сметаат дека Мисирков е Бугарин, и не им прави никаква штета на Бугарите ако Македонците тврдат дека Делчев бил Македонец“. Во своите истражувања тој е фокусиран на социјалната историја на Балканот во 19 и 20 век и градењето на нациите. Во делото „Древната националност и вековната борба за државност: историографските митови во Република Македонија“, Брунбауер прави пресек на историјата на македонската нација.
Како историчар вие ги посматрате пошироките процеси во подолго време. Може ли 50-60 години од крајот на Отоманската империја да го одредат идентификацискиот ген на една нација, а тоа да не важи за 70 години живот на Македонците во Југославија.
За историчар, не е важно прашањето дали нацијата е „постара“ или „помлада“. Впрочем, македонската нација беше официјално признаена дури во 1944 година и потоа ги доби сите официјални прерогативи на независна нација, плус држава. Но, тоа не се случи од никаде, имаше семе да се изгради, како што е чувството за посебен регионален македонски национален идентитет, што можеме да го следиме во 19. век. Да не заборавиме дека бугарската држава двапати, како окупаторска моќ во Вардарска Македонија, во двете светски војни, направи сѐ за да го отуѓи локалното население. Така, антибугарските сентименти не беа комунистички изум, туку беа вкоренети во искуството од бугарската окупација. Точно е дека целокупното бугарско градење нација започна многу порано од македонското – но, пак, подоцна од грчкото или српското, на пример. Но, ова треба да биде важно само за историчарите. Како роден Австриец, јас сум горд што сум припадник на многу млада нација, можеби дури и помлада од македонската, но можам да бидам горд на нашето заедничко историско наследство на Централна Европа. Важно ли ми е дали Моцарт се сметаше себеси за Германец или Австриец (добро, најмногу од сè мислам дека тој беше горд женкар и секако музички генијалец)? Воопшто не.
Митологијата беше главен мотив во европските држави и создавањето на современите нации во 19. век. Балканот со митовите се занимава и во 21. век. Дали рационалноста сѐ уште не може да стигне до балканските народи?
Се разбира, може. Луѓето на Балканот се нормални луѓе, повеќето разумни и толерантни, некои глупави и полни со омраза. Како и насекаде во светот. Неодамнешната историја не беше многу пријателска за Балканот. Значи, разбирливо е дека нивото на фрустрација – а со тоа и отвореност кон чудни идеи – може да биде повисоко отколку, на пример, во Германија. Така, главниот проблем не се народите, туку нивните политички елити: овие честопати немаат многу да понудат, тие често мислат само на сопствената благосостојба, па зависат од ширење омраза и на сите видови митови, кои резонираат во земји каде што медиумскиот пејзаж е навистина ужасен.
Точно, ова не е најдобриот начин да се дружите: да му кажете на вашиот претпоставен пријател дека она во што тој или таа верува, е ѓубре. Вистинските пријателства значат прифаќање на различни мислења, а исто така и добрососедските односи меѓу земјите зависат од прифаќањето на разликата. Ако Бугарите сакаат да бидат добри пријатели со Македонците, зошто не се започне со признавање и дискутирање на воените злосторства извршени од бугарските окупаторски сили на македонска територија за време на Втората светска војна? Ова, всушност, е многу поважно прашање од тоа дали некој во 19. век се нарекувал Бугарин или Македонец. Јасно е дека бугарските барања главно ја таргетираат домашната публика, тие треба да им покажат на Бугарите каков голем бранител на националната гордост е нивната сегашна влада.
…Интервјуто со познатиот австриски историчар Улф Брунбауер во целост прочитајте го тука.