Кривичниот суд донесе уште две пресуди за нередите во населбата Ѓорче Петров кои настанаа по убиството на 19 годишниот Ангел. Еден од двајцата обвинети, бил претходно осудуван и затоа добил затворска казна од 10 месеци, а вториот пак е осуден на 10 месеци условна казна.
И двајцата биле дел од првата група од петмина лица против кои полицијата поднесе кривични пријави за учество во толпа која ќе спречи службено лице во вршење на своето службено дејство.
За ова кривично дело се предвидуваат казни од 3 месеци до три години, според македонскиот Кривичен законик.
Минатата недела беше и првото рочиште на тројцата обвинети кои ги искористија новите институти воведени во кривичниот законик со признавање на вината во самиот процес. Судот во тој случај изрече две условни казни од по 6 месеци, и една затворска казна во времетраење од 6 месеци, поради тоа што осомничениот бил претходно осудуван.
Досега МВР идентификуваше и пријави повеќе од 20-тина лица за нередите во Ѓорче Петров. Во последната група беа и осомничените за каменување на автобуси и демолирање објекти на главната улица во Ѓорче меѓу кои и казиното Сенатор.