Иранската воена морнарица ќе ги продолжи своите редовни активности во Персискиот залив, пренесе во средата иранската новинска агенција Isna, додека агенцијата Reuters потсетува дека таа следи ден откако САД го предупредија Иран да стои подалеку од американските воени бродови.
„Поморските единици на Исламската Република Иран во Персискиот и Оманскиот залив ќе продолжат да го спроведуваат своите редовни задачи согласно професионалните принципи на кои се придржуваа и во минатото“, го цитира агенцијата ISNA неименуваниот воен финкционер.
Американското предупредување за иранската морнарица следеше откако претседателот Доналд Трамп во април се закани дека воено-поморските сили на САД ќе отворат оган на секој ирански брод кој ќе ги попречува американските воени пловила. Централната команда на американската морнарица, којашто е сместена во Бахреин, со соопштение предурпреди дека осмислило план поради „зголемување на безбедноста, намалување на нејаснотиите и ризикот од погрешни процени“.
Изјавата следешe по инцидентот во април кога единаесет ирански патролни чамци во Перисискиот залив им се приближиле на бродовите на американската Крајбрежна стража, што американската армија го квалификуваше како „опасно и провокативно“ односување. Техеран, пак, за инцидентот ги обвини САД
САД и Иран се во крајно затегнати односи веќе четири децении, а тие почнаа да ескалираат од 9-ти мај 2018 година кога Вашингтон еднострано се повлече од нуклеарниот договор кој Техеран три години претходно го склучи со шесте светски сили, по што беа воведени повторно децениските строги антиирански санкции. Во јануари годинава
Ситуацијата меѓу двете земји на почетокот од годинава ескалираше до работ на отворен воен судир откако ноќта кон 3-ти јануари, САД изведоа воздушен удар крај меѓународниот аеродром во Багдад, во кој беа убиени командантот на иранските специјални сили, генералот Касем Сулејмани и заменик-командантот на ирачката шиитска милиција, Абу Махди ал-Мухандис, кои Вашингтон ги смета за клучни личности вклучени во организацијата на протестите и обидот за упад во американската амбасада во Багдад на 31-ви декември.
Убиството на генералот Сулејмани ја ескалираше кризата меѓу САД и Иран. Техеран изведе ракетни напади врз две ирачки бази во кои се сместени американски војници, и по кои не се пријавени жртви. Вашингтон, пак, одговорија со дополнителни санкции против Иран, со кои се опфатени 17 рударски и металуршки компании, како и странски транспортни средства вклучени во испораките на нивните производи, како и за осум високи ирански функционери.