Парична помош за сите кои останаа без работа од 11 март до 30 април

Работниците кои поради коронакризата останале без работа, независно од времето поминато во работен однос, ќе можат да добијат парична помош, соопшти Министерството за труд и социјална политика.

Како што е соопштено, работниците паричниот надоместок ќе го добиваат преку  Агенцијата за вработување во времетраење од два месеца. Право на ваков надоместок имаат невработените лица на кои работниот однос им престанал во периодот од 11 март до 30 април 2020 година врз основа на потпишана спогодба, отказ или лична изјава.

За да добие паричен надоместок, невработеното лице треба да достави барање во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на новата Уредба, до надлежниот центар за вработување на Агенцијата за вработување.

Со Уредбата со законска сила за примената на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност се предвидува паричниот надоместок да се исплатува во висина од 50% од месечна нето плата на работникот исплатена за последниот месец, но не повеќе од 80% од просечната месечна нето плата по работник во земјата.