Белата куќа повика на „ред и закон“, протестите беснеат низ САД

Белата куќа во понеделникот повика на почитување на редот и законот и ги осуди агитаторите и подбоцнувачите за шестата последователна ноќ насилни протести кои се претворија во масовни ограбување и вандализам, а започнаа поради расната нееднаквост и полицисата бруталност.

Полицијата и пожарникарите цела ноќ се справуваа со пожарите во близина на Белата куќа, а демонстранти вршеле масовни грабежи од продавници во Њујорк и во градовите на југот од Калифорнија. Националната гарда соопшти дека била активирана и нејзините припадници се распоредени на улиците на градовите во 23 сојузни држави и во главниот град Вашингтон.

Едно лице е убиено во Луисвил во сојузната држава Кентаки, каде што според медиумските извештаите полицијата и Националната гарда возвратиле на оган при растерување на демонстрантите.

Безредијата избуваа низ САД откако бели полицајци минатиот понеделник при апсење го усмртиле 46-годишниот црнец Џорџ Флојд, кого го бркале по пријава дека разменувал фалсификувани чекови. Дерек Шовен, полицаецот кој со колено го притискал вратот на Флојд иако овој му кажувал дека не може да дише, е отпуштен од полицијата и обвинет за убиство од трет степен.

Смртта на Џорџ Флојд по неколку години ги подгреа сеќавањата на низата слични инциденти во кои полициски службеници усмртиле невооружени црнци и кои во 2014 година, исто така, доведоа до долготрајни масовни насилни протести ширум САД.

Десетици градови во САД и натаму се под полициски час, на ниво коешто според американските хорничари кое не е видено од безредијата по убиството на Мартин Лутер Кинг, борец за расната еднаквост, во 1968 година.

„Во оваа држава потребни ни се законот и редот“, изјави вo понеделникот за Fox News портпаролката на Белата куќа, Кајли Мекенани. Додаде дека недвосмислено зад насилствата стои екстремната левичарско-анархистичка групација Антифа, позната по учества во насилни протести.

Претходно во неделата американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека оваа група ќе ја вброи на листата терористички организации на САД. Во врска со тоа, најави дека во понеделник ќе има средба со челниците на безбедносните сили, а потоа ќе одржи и телефонска конференција со гувернерите и безбедносните функционери. Истовремено и министерот за правда и државен јавен обвинител, Вилијам Бар, објави дека безбедносните служби ќе ги третираат насилствата насочени кон полицијата и државните служби како акт на внатрешен тероризам.