(ВИДЕО) Полициски час во Њујорк до недела, судири низ САД, барање да интервенира војската

Полицискиот час воведен во понеделникот во Њујорк по насилните демонстрации и грабежи ќе остане во сила до недела, 7 јуни, изјави вчера градоначалникот Бил де Бласио.

Полицискиот час, кој првично беше воведен од 23 часот, вчера почна во 20 часот и трае до 5 наутро, рече Де Бласио на прес-конференцијата.

И покрај таа мерка, американскиот економски центар завчера повторно беше ограбен, особено во квартот Мидтаун во центарот на Менхетн.

Немирите, поттикнати од убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд од страна на полицаец, продолжуваат низ САД, од Њујорк до Лос Анџелес, со судири меѓу полицијата и демонстрантите, палење автомобили и повредени од двете страни.

Полициски час е воведен во повеќе од 10 града, а некои власти бараат интервенција на армијата, која веќе е распоредена во Минеаполис и во неколку други града.
Флојд почина на 25 мај во Минеаполис, по интервенцијата на белиот полицаец Дерек Човин.

Според обвинението, Човин за време на апсењето со колено го притискал вратот на Флојд скоро девет минути, вклучувајќи две минути и 53 секунди откако овој ја изгубил свеста.