
Американскиот експерт за Балкан, Даниел Сервер изјави дека САД ќе врши голем притисок за да биде постигнат договор меѓу Косово и Србија до септември.
„Американците ќе извршат голем притисок врз договорот до септември, така што претседателот Доналд Трамп ќе може да ги предводи американските избори и да одржи церемонија во Роуз Гарден, која им ja вети на претседателите Тачи и Вучиќ“, процени Сервер.
Според него, доколку претседателот на Косово, Хашим Тачи, е подготвен да и предаде дел од територијата со српското мнозинство на Србија, тоа би можело да се случи.
Тој за новата косовска влада истакнал дека смета дека влада на чело со косовскиот премиер Авдулах Хоти нема да може да се наметне во дијалогот, туку дека претседателот на Косово ќе биде главен актер.
„Ако владата сака улога во дијалогот, мора да делува однапред. На пример, може да предложи резолуција која се противи на било каква размена на територии, освен мало прилагодување на границите потребни при демаркација. Исто така може да се изјасни за барање за реципроцитет – што и да преземе Србија, Косово мора да има еднаков одговор“, навел Сервер.
Според Сервер моментално ниту Хоти, ниту Тачи немаат поддршка на повеќето пратеници во косовското собрание.
„Кој и да го води дијалогот со Белград за да добие поддршка мора да се заложи за најмалку две третини од гласовите на пратениците. Ниту Хоти, ниту Тачи сега ја немаат таа поддршка“, оценил Сервер.
Премиерот на Косово, Авдулах Хоти иницијално инсистираше на тоа дијалогот со Србија да го води владата и дека нема да дозволи промена на границите од 17 февруари 2008 година.