Грчките власти се загрижени поради растот на бројот заболени од респираторната болест Covid-19, во периодот кога земјата се подготвува за скорешен почеток на туристичката сезона со којашто се надева да надомести дел од загубите предизвикани од кризата со епидемијата.
„Се лаже секој што мисли дека го совладавме вирусот. Мораме да бидеме претпазливи и да ги почитуваме мерките за спречување на ширењето на вирусот“, изјави за медимите во понеделникот грчкиот министер за цивилна заштита, Никос Хардалијас.
Министерстово за здравство претходно во понеделникот извести за 97 нови случаи на болеста Covid-19 и за два смртни случаи од четвртокот. Речиси третина од 97-те нови случаи се однесуваат на патници од странство, се наведува во соопштението на министерството.
Од 15-ти јуни двата најголеми грчки аеродрома, во Атина и во Солун, ќе започнат со примање на туристите од триесетина земји, главно од подрачјето на Европската унија, со што и официјално ќе започне туристичката сезона. Помалите аеродроми, ќе бидат отворени за летови од странство од 1-ви јули.
Во Грција од почетокот на епидемијата кон крајот на февруари досега од последици на зараза со коронавирусот починале 182 лица а заразени се 3.049, според податоците од понеделникот наминистерството за здравство.
Министерството, исто така, истакна дека повторно ќе објавува дневни извештаи за состојбата со Covid-19 во земјата, практика којашто беше прекината минатата седмица, бидејќи бројот на новозаразените во едно деноноќие беше помал од пет лица.