Клубот на Берлускони се пласираше во Серија Б

Фудбалскиот клуб Монца, чиј сопственик од 2018 година е поранешниот италијански премир милијардерот Сивлио Берлускони, во понеделникот и официјално беше промовиран во член на Серија Б, втората италијанска лига.

Монца промоцијата во второлигаш ја доби со одлуката на Италијанската фудбалска федерација (FIGC), којашто во понеделникот одлучи натрпеварувањата во Серија Ц (третата лига) да не продолажат по прекинот поради пандемијата на коронавирусот, а клубот од северна Италија во моментот на прекинот на првенството беше водечки на табелата.

Берслускони, кој е поранешен мнозински сопственик и претседател на италијанскиот фудбалски великан Милан, истакна дека „ова не е крајот“.

„Монца ќе создаде екипа којашто ќе дојде до врвот на Серија Б и ќе влезе меѓу елитата“, изјави Берлускони во интервјуто за локалниот весник Il Cittadino di Monza e della Brianza.

„Никогаш не се двоумев. Со играчите и тренерот го правам она што го работев во Милан, разговарам со нив, ги охрабрувам, мотивирам. Накусо, засекогаш ги задржав своите добри навики“, објасни Берлускони како го раководи клубот кој е основан уште во 1912 година, но досега никогаш не настапувал во елитната Серија А.

Монца се наоѓа во покраината Ломбардија, на помалку од десет километри од Аркоре, местото во коешто Берлускони живее веќе неколку години.