Eкономската ситуација во земјата е загрижувачка, бидејќи во време на кризата предизвикана од епидемијата на новиот коронавирус, најмалку 15.000 граѓани останаа без работа, а сето тоа се должи на неспособноста на оваа Влада да се справи со самата криза, оцени во четвртокот Дарко Лазаров, претседател на комисија за економија на ВМРО-ДПМНЕ.
„Моменталната економска состојба е навистина загрижувачки поради пандемијата со Covid–19 вирусот, меѓутоа и поради неадекватниот пристап во справување од страна на владата и од страна на останатите надлежни институции. Практично потврда за тоа се економските индикатори и параметри во последните неколку месеци. Практично за месец април имаме пад на индустриско производство за 40 отсто, пад на извозот за 60 отсто, речиси 0 процентна стапка на економски раст. Меѓутоа навистина вториот квартал е прилично загрижувачки со оглед на тоа што имаме зголемување на бројот на невработените според Агемцијата за вработување за 15.000 лица. Меѓутоа, она што, исто така, е загрижувачки е тоа што практично според податоците на Управата за јавни приходи за април плата земале 30.000 граѓани помалку“, нагласи Лазаров.
Додаде дека пролонгирање на самата криза и неспособноста за спречување на ширењето на вирусот едноставно ќе ја продлабочи економската криза и на крајот на денот штетите ќе бидат на грбот на граѓаните. За жал тогаш ќе има се повеќе бркање на граѓани од работа. А компаниите соочени со кризата ќе се затворат.