Убедлива победа на партијата на Вучиќ според првичните резултати

Објавени се првичните резултати од изборите во Србија, според кои Српската напредна партија на претседателот Александар Вучиќ освоила 62,5 отсто.

Разликата меѓу Вучиќ и другите партии е огромна.

Втората партија има едвај 10,7 отсто и тоа е коалициската Социјалистичка партија на Србија на Ивица Дачиќ.

Партијата Спас на Александар Шапиќ освоила само 4,1 отсто.

Според овие резултати, само тие три партии влегуваат во парламентот, што е преседан во Србија.

Во меѓувреме српски Блиц ги објави резултатите, повикувајќи се на извори од „штабот на една голема парламентарна партија“, што, се претпоставува, може да биде само СНС на Вучиќ.

Според тие резултати, СНС има уште поголем процент – 63,4 отсто. СПС според тие резултати има 10,3 отсто, а Спас само 3,9 отсто.

„Вучиќ успеа целосно да ја уништи политичката структура во Србија. Вучиќ спроведува инженеринг врз луѓето, ова е безизлезна ситуација. Не е нормално една партија да има повеќе од 60 отсто, а првата следна 10 отсто“, кажа поранешниот српски претседател Борис Тадиќ за Н1.

На изборите излегоа околу 50 отсто од гласачите.