Најголемите забелешки на коалицијата „Можеме“ и двете најекспонирани партии во неа СДСМ и Беса, беа зошто партијата Беса не ѝ се дзволи да има право на платена политичка програма, но ниту АВМУ, ниту директорот, ниту советот тоа ѝ го забранува, туку тоа оневозможува Изборниот законик, потенцираше денеска директорот на Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, кој во „Топ тема“ зборуваше за притисоците со кои и тој и Агенцијата се соочувале од страна на владејачката партија и нејзиниот нов коалиционен партнер.
„Право на платено политичко рекламирање имаат само утврдените кандидати од ДИК. Потврда на кандидатска листа на Беса нема, туку има само кандидатска листа на „Можеме“. Ова упатство е идентично со она за претседателските избори лани, кога кандидатот на СДСМ имаше четири минути, а госпоѓата Силјановска Давкова и господинот Река делеа две минути. Тогаш не слушнавме ниту еден збор од СДСМ дека изборниот процес е нелегитимен и дека нивниот претседателски кандидат е фаворизиран“, потсети Трајчевски.
Тој праша зошто ако упатството е незаконско, како што денеска тврдеше Дамјан Манчевски, владата во Уредбата не ѝ додели време на Беса.
„Туку, со сериозен политички притисок последните 4-5 дена, еден ден Беса, другиот ден СДСМ, едниот ден Заев, другиот ден портпаролката на СДСМ, третиот ден Дамјан Манчевски, вршеа огромен притисок, сакаа Агенцијата да подлегне на таквите притисоци и да донесе незаконско упатство. Синоќа имаа можност, доколку тоа е незаконско, тоа да го поправат. И тука се гледа лицемерието кое последните неколку дена преку силен политички притисок и делот од медиумите кои се под нивна контрола, интернет порталите на СДСМ, да се принудат членовите на советот да ги променат одлуките“, потенцираше Трајчевски.
Додаде и дека сите одлуки кои се донесени од советот се донесени едногласно, што докажува дека советниците и АВМУ имаа исти став кој не го менуваат како СДСМ, кои од утро до вечер има 17 ставови.