Европската унија, САД и Велика Британија по повод инцидентите и нередите во Будва ги повикаа политичките актери на Црна Гора на воздржаност и почитување на владеењето на правото, и побараа почитување на законите и политичка зрелост и побараа самостојно да најдат одржливо решени низ духот на взаемно почитување.
Инциденти поради преземање на локалната власт во Будва имаше и денес.
Припадниците на Посебните единици на полицијата денеска ја блокираат зградата на Службата за заштита и спасување во Будва и приведени се седум пожарникари.
Зградата на Општина Будва денеска е затворена за сите освен за специјалните истражители кои одземаат документација после вчерашните нереди.
Поради вчерашните нереди во неколку црногорски градови каде граѓаните протестираа поради судирите во Будва, полицијата кривично и прекршочно процесуираше 54 лица, а уапси 41.
Портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро Хернандес истакна дека сите евентуални повреди на законот треба да ги решаваат надлежните локални власти, согласно националното законодавство и релевантните меѓународни стандарди.
– Како што е претходно соопштено, ЕУ ги повикува сите политички актери да покажат почитување кон владеењето на правото и демократските принципи, и да покажат политичка зрелост со цел сами да најдат одржливо решение за актуелната ситуација, преку дијалог и во духот на меѓусебно почитување, порача Хернандес.
Амбасадорката на Велика Британија во Црна Гора, Алисон Кемп изрази загриженост и на Твитер напипа дека е „многу важно протестите да се одвиваат мирно и во склад со законот, а дека рекацијата на властите е пропорционална“.
„По вчерашните судири повторно ги повикувам сите страни да се вклучат во конструктивен дијалог, по секоја цена да се избегне насилството и да се работи заедно за наредните избори во Црна Гора да бидат успешни“, наведе на Твитер амбасадорката на САД.
„Слободни, чесни и компетитивни избори се темел на демократијата“, додаде таа.
Владата на Црна Гора го осуди насилството, оценувајќи дека нападот на полицијата е напад врз државата.
„Синоќа, но и денови пред тоа, сведочиме за директни и безобѕирни примери на противправно и насилно однесување на поединци и групи во повеќе црногорски градови“, соопшти владата.
Во текот на синоќешните протести во неколку градови граѓаните со разни предмети ги гаѓаа полицајците кои одговорија со солзавец, известија медиумите.