пикерот во заминување Талат Џафери денеска имал предизборна средба во Кичево – без заштитни маски и во затворен простор, со ракување и без одржување дистанца, според фотографиите што самиот ги објави на својата фејсбук-страница.
Џафери, кој е носител на кандидатската листа за пратеници на ДУИ во петтата изборна единица, во Кичево имал средба со граѓани и со градоначалникот Фатмир Дехари.
Од фотографиите може да се забележи дека и двајцата функционери на ДУИ не постапуваат согласно мерките за лична заштита од ковид-19 и здравствените протоколи, какви што има и за изборите на 15 јули, за кои кампањата почна во средата.
Џафери и Дехари на средбата се без заштитни маски, се поздравуваат и се ракуваат без одржување растојание, по што исто така се фотографираат со уште десетина граѓани во канцеларија што веројатно е во објектот на општината.
Затоа, пак, додека се надвор, односно пред влегувањето во објектот, Џафери и Дехари се со заштитни маски на лицето.
Од друга страна, на профилот на Џафери е објавена фотографија од средба со граѓани на 22 јуни, која е на отворен простор и сите присутни носат маски.