
Родителите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, коишто се позитивни на ковид-19, биле хоспитализирани во приватна болница во Скопје. Уште кога пред десетина дена беше објавено дека мајката на Мицкоски е заразена со вирусот, тој изјави дека подолго време не се видел со неа, бидејќи е изложен на ризик од средбите со многу луѓе, а дека во самоизолација се сите коишто контактирале со неа.
Од болницата каде што се примени на лекување родителите на Мицкоски не ја потврдуваат информацијата, повикувајќи се на Законот за заштита на лични податоци, но портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, во изјава за Плусинфо потврди дека и двајцата родители на Мицкоски се позитивни на ковид-19.
– За жал, можам да потврдам дека мајка му и татко му на Христијан Мицкоски се позитивни на ковид-19. Двајцата се хоспитализирани, а во однос на Христијан, тој не бил во контакт со своите родители. Како и да е, тој редовно се проверува и од секое тестирање добива негативни резултати. Тој апсолутно внимава и ги почитува препораките – изјави Стоилковски.