Мицкоски: Македонците се чувствуваат обесправени во општините каде не се мнозинство

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за „360 Степени“ одговараше на прашање за делот од програмата во кој се наведува дека партијата ќе формира експертска група која ќе разгледа промени или предлагање и составување на нов Устав, темелејќи се на зачувување на унитарниот карактер на Македонија и уредување на меѓуетничките односи според принципот на единствена македонска нација.

„Нацијата не ги дерогира правата на помалите, односно немнозинските етнички заедници. Не треба да биде фокусот кон најголемата во тие немнозински заедници. Ние имаме и други немнозински заедници кои се чувствуваат обесправени во овој момент. Македонците во оваа држава се сепак мнозинска заедница и се чувствуваат во тој дел тотално маргинализирани и обесправени. Ако ние продолжиме така да функционираме во средините кадешто генерално немнозинските етнички заедници е мнозинство и практично се обидуваат да ги обесправат мнозинската заедница во државата, тоа се Македонците, тогаш се создава чувство кај Македонците на граѓани од втор ред“, рече Мицкоски.

Мицкоски рече дека идејата на комисијата е да се седне и да се разговара на овие теми.

„Да не ни се случува ова – Македонците да имаат бадинтер во сопствената држава бидејќи ние имаме една држава, оваа е, кадешто живееме и каде ќе се чувствуваат како граѓани од втор или некаде можеби и од трет ред бидејќи се тотално обесправени“, рече Мицкоски.