Поради епидемијата во Грција и со цел да се заштитат патниците и граѓаните од пандемијата на Ковид-19, Агенцијата за цивилно воздухопловство издаде нови упатства (NOTAM) за вонредна забрана на летови меѓу Грција и Србија, како и забрана за влез на српски државјани заклучно со 15 јули во 23.59 часот, јави дописничката на МИА од Атина.
Исклучок од забраната се членови на семејствата на државјани на ЕУ, граѓани од Шенген зоната, патувања од есенцијални причини, здравствен персонал, научен персонал, државјани на трети земји кои имаат дозвола за долг престој во европска земја,студенти, транзит летови, владин, дипломатски, воен, хуманитарен персонал и сл.
Во однос на образецот „Passenger Locator Form“ (PLF) задолжителен за сите посетители на Грција, од Агенцијата за цивилно воздухопловство соопштуваат дека од 9 јули патниците од меѓународните летови, ќе треба да го пополнат 24 часа пред чекирањето, а не 48 часа како што беше досега.