Ерих Рејдерер, специјалист невролог, изјави дека легендата во Формула 1, Михаел Шумахер, ќе остане инвалид до крајот на својот живот, објавува „Индипендент“, пренесува Нетпрес.
Шумахер излезе од состојба на кома на 16 јуни, годинава, но оттогаш различни медицински експерти изјавија дека прогнозите за неговата здравствена состојба не се толку охрабрувачки, колку што сите би сакале да бидат.
„Тој ќе остане инвалид до крајот на својот живот и постојано ќе зависи од други лица“, изјавил Рајдерер, и појаснил дека ќе биде успех ако Шумахер може да седне без ничија помош, во следните три месеци, и ако научи да ја управува електричната инвалидска количка во следните шест месеци.
Четириесет и петгодишниот седумкратен шампион во Формула 1, падна во кома откако доживеа несреќа на скијање на француските Алпи на 29 декември, лани. Тој беше во состојба на кома се до 16 јуни, годинава, а лекарите го држеа во таква состојба за да му го намалат отокот на мозокот.
За време на неговиот неколкумесечен престој во болница, во јавноста се појавија ралзични шпекулации за неговата здравствена состојба.