Барса го испрати градскиот ривал во Сегунда

Фудбалерите на Барселона во средата вечерта на својот „Кам Ноу“ со големи напори победија во градското дерби со Еспањол со 1:0, останаа во трката за шампион а локалниот ривал го испратија во втората лига.

И покрај победата, Барселона и покрај тоа што се работеше за дерби натпревар разочара со играта. Во мечот со по неколку добри голмански интервенции на двете страни, победата на Барса ѝ ја донесе голот на Луис Фернандез во 56 минута. За домашните второто полувреме започна уште полошо, откако веќе во 50 минута поради невнимателн старт директен црвен картон доби штотуку влезениот 17-годишен Ансу Фати кој стана еден од најмладите играчи кој бил исклучен во Ла Лига. Но Еспањол не успеа да ја ефектуира предноста зашто веќе во 53 минута поради сличен старт врз Пике беше исклучен Пол Лосано.

Барселона сега со 76 бодови е на бод помалку од водечкиот Реал Мадрид кој дуелот од ова коло го игра во четвртокот со Алавес. Еспањол го претрпе и шестиот пораз во низа и со само 24 бодови на три кола пред крајот е на последното 20-то место.

Еспањол оваа сезона играше во Лига Европа во групната фаза, во која го зазема првото место а во шеснаесетфиналето беше елиминиран од англиски Вулверхемптон.

Последен пат Еспањол испадна во втората лига во сезоната 1992/1993 година, но по само една сезона се врати во елитата и досега без прекин играше во Ла Лига. Вториот клуб од каталонската престолнина пет пати досега испаѓал од првата шпанска лига, но во втората никогаш не се задржувал повеќе од една сеозна. Од 89 сезони, Еспањол во првата лига настапувал во 85 сезони, никогаш нема освоено титула во првенството, но неколкупати бил третопласиран. Купот на кралот го има освојувано четири пати, а уште двапати Еспањол играл во финалето на ова натпреварувње.

Реал Бетис на својот стадион со головите на Родригез во 4, Педраза во 25 и на Алења во седмата минута од судиското продолжение на мечот со 3:0 ја совлада Осасуна. Бетис собра 41 бод и е на 13-то место, додека Осасуна остана на 45 бодови на 11-то место.

Вилјареал во директниот дуел за излез на европската сцена на гости го совлада Хетафе со 3:1, во меч со возбудливо и драматично второ полувреме. Санти Казорла ги доведе гостите во водство во 66 минута од пенал, а Уго Дуро израмни во 80 минута. Но Казорла повторно од пенал во 86 минута ги доведе гостите во водство чијашто победа ја запелати Рубен Пења во третата минута од судиското продолжение.

Вилјареал сега се зацврсти на петтото место со 57 бодови, четири повеќе од Хетафе кое е место подолу.