“Новинар од Њујорк тајмс е дојден во земјава специјално за да отиде кај Атиџе, да ја види и да разговара со неа“ откри за весникот „Вечер“ режисерката на “Медена земја“ Тамара Котевска. На нашето прашање дали и тие се гледаат и слушаат со хероината на најуспешниот македонски документарец по успехот кој тој го доживеа со двете номинации, таа додава: “Секако дека се гледаме, еве и сега ќе бидеме со новинарот кај Атиџе“.
Атиџе, пак, по враќањето од Лос Анџелес каде присуствуваше на церемонијата на Оскарите, го исполни и својот сон да сними песна.
Оваа вест ја објави кинематограферот Самир Љума на својот твитер-профил каде сподели и фотографија од Атиџе во музичко студио.
Насловот на песната е „Покрај река Брегалница“.
Својата љубов кон музиката Муратова ја покажа и во документарецот. Како што самата спомена, таа ја имаше подготвено песната која ќе ја отпееше на сцената во Лос Анџелес доколку документарецот ја добиеше наградата.