На ниво на територијата на Град Скопје, која е поделена во првата и втората изборна единици, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освоила 79.630 гласови, додека коалицијата „Можеме“ ја добила довербата на 77.970 гласачи. Како резултат на ова, произлегува дека ВМРО-ДПМНЕ сепак успеала да добие 1.660 гласови повеќе на територијата на главниот град.
Опозициската коалиција „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ освоила повеќе гласови во општините Гази Баба, Аеродром, Кисела Вода, Бутел и Ѓорче Петров
Во споредба со парламентарните избори што се одржаа во декември 2016 година, одѕивот во скопските општини е опаднат најмногу споредено со останатите делови од земјава. Во речиси сите скопски општини одѕивот е намален за 20 отсто на изборите одржани на 15 јули во споредба со изборите од 2016 година.
Податоците на ДИК покажуваат најголемо намалување во општина Аеродром (-26,72 отсто), по што следуваат Карпош (-25,29 отсто), Центар (-24,51 отсто), Кисела Вода (-24,32 отсто), Ѓорче Петров (-24,18 отсто), Гази Баба (-22,74 отсто), Бутел (-22,24 отсто), Шуто Оризари (-15,67 отсто), Чаир (-15,05 отсто) и Сарај (-7,32 отсто).
Од скопските приградски општини кои не влегуваат под територијата на Град Скопје, коалицијата „Можеме“ освоила повеќе гласови од „Обнова на Македонија“ во општините Чучер Сандево, Студеничани и Арачиново, додека опозициската коалиција победила во Сопиште, Зелениково, Илинден и Петровец.