![Борисов](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/07/Borisov.jpg?resize=696%2C392&ssl=1)
Прифатени се оставките на министрите за финансии Владислав Горанов, за внатрешни работи Младен Маринов, за економија Емил Караниколов и за туризам Николина Ангелкова, соопшти бугарскиот премиер Бојко Борисов по средбата со коалициските партнери.
Оставките доаѓаат во момент на секојдневни антивладини протести во Софија и во повеќе други бугарски градови, со барања за оставка на Владата и на јавниот обвинител Иван Гешев, како и за одржување фер избори.
Нова министерка за туризам ќе биде вицепремиерката Маријана Николова, која ќе ги извршува и двете функции. Директорот на полицијата Христо Терзиски ќе го преземе Министерството за внатрешни работи, Лачезар Борисов, кој моментно е заменик министер за економија, сега ќе биде министер во тој ресор, а Кирил Ананиев ќе го предводи Министерството за финансии. За министер за здравство треба да биде именуван Костадин Ангелов, актуелен директор на Александровската болница.