Агенцијата на Обединетите нации, УНДП побара воведување на привремен основен приход за 2,7 милијарди сиромашни луѓе во светот во контекст на пандемијата на коронавирус.
ОН објавија дека ваквите мерки може да го запрат ширењето на вирусот со тоа што ќе им дозволат на оние што се близу или над линијата на сиромаштијата во 132 земји во развој да останат дома.
Седум од десет работници во посиромашните земји во моментот заработуваат приходи преку неформални пазари и не можат да си дозволат да останат дома, истакнува УНДП.
„Невидени времиња бараат невидени социјални и економски мерки. Воведувањето на привремен основен приход за најсиромашните во светот се појави како една од опциите. Пред само неколку месеци, ова можеби се чинеше незамисливо“, рече шефот на УНДП Ачим Штајнер во соопштението за печатот.
„Привремениот основен приход може да им овозможи на владите да им обезбедат на луѓето во карантин финансиска помош, да инјектираат пари во локалните економии за да им помогнат на малите бизниси да преживеат и да го забават деструктивното ширење на Ковид-19“.
УНДП проценува дека обезбедувањето таков привремен, загарантиран основен приход би чинел најмалку 199 милијарди долари месечно.
Тие додаваат дека ова би можело да се финансира преку пренаменување на постојните средства, како што се субвенции за фосилните горива.
Земјите, според УНДП, би можеле да ги конвертираат средствата што ги користат оваа година за да ги сервисираат своите долгови во исплата на тој грант.