Поради неодговорните и неспособни политики на СДСМ, но и криминалните тендери во РЕК Битола, преку кои милиони завршија на сметки на приватни фирми, од септември следува поскапување на цената на струјата, истакна Стевче Антовски од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДСМ го изманипулира народот во предизборието и неколкукратно ги одложуваше одлуките на Регулаторната комисија за енергетика, за истата да донесе одлука по изборите, дека од септември ќе следува зголемување на цената на струјата. Ваквото покачување е резултат на загубите на ЕЛЕМ и МЕПСО. Што пак од друга страна е показател на нестручниот и недомаќински начин на управување со овие државни претпријатија. Кога ВМРО-ДПМНЕ ја предаде власта на СДСМ, АД ЕЛЕМ имаше депозит од 1.5 милијарди денари, за сега да зборуваат дека се во загуба и дека поради тоа граѓаните треба да плаќаат поскапа струја. Срамота! Не само што не го зачуваа тоа што им беше оставено, туку и книжат загуби, кои од септември ќе треба да ги плаќаат граѓаните“, рече Антовски.
Посочи дека двете државни компании биле искористувани за вработување на партиските членови на владејачката партија, како и за лични богатења, поради што средствата кои биле на сметките сега станаел големи долгови.
„Граѓаните не се должни да плаќаат поскапа струја за Зоран и Вице Заев да можат да делат тендери во РЕК Битола и да вработуваат партиски војници во АД ЕЛЕМ и МЕПСО, каде само пред избори вдомија над илјада лица блиски до нив. Апелираме да запре недомаќинскиот однос на СДСМ со државните претпријатија и имотот на граѓаните на Република Македонија. Регулаторната комисија за енергетика пред да пристапи кон покачување на цената на струјата треба да знае дека граѓаните се најмногу погодени од корона кризата. И затоа, пред да одлучат за покачување на цената на струјата, што треба да го полни буџетот на ЕЛЕМ и МЕПСО, за повторно да има пари за матни тендери, потребно ќе биде да направат добра анализа за работењето на менаџерските раководни тимови на сите енергетски компании. На тој начин, наместо да бараат од народот да го надомести она што компаниите не успеаа да го заштедат во време на корона криза, треба само правилно да ги анализираат трошоците на сите енергетски компании, а не безрезервно да им ги оправдуваат. Наместо Регулаторот да ги оправдува трошоците на компаниите, потребно е да им наложи на нивните раководни структури да направат подлабоки резови и оптимализација на работењето во услови на ваква криза“.