Премиерот, Зоран Заев изврши увид во градежните активности за изградба на пристапен пат до индустриската зона „Новине“ во село Речица во Куманово, пти што изрази задоволство што со тој пристапен пат ќе се комплетирала значајна фаза во заживувањето на тој стопански комплекс.
За време на посетата, Заев порача дека Владата и натаму останувала посветена на поддршка на проектите кои носат потенцијал за развој на општините и за отворање на нови перспективи за бизнис заедницата.
Како што изјави тој, водени со таа цел, Владата доделила 24 милиони денари на Општината Куманово за инфраструктурно уредување на овој стопански комплекс од кои во должина од 1.000 метри е поставена атмосферска канализација а во план е и асфалтирање на површина од 2.210 метри квадратни, со претходно поставени 10 сливници.
-Индустриска зона „Новине“ која зафаќа површина од 65 хектари се наоѓа на исклучително атрактивна локација, до автопатот E-75 „Пријателство“, на пет километри до границата со Србија. Таа има 51 градежна парцела со различна големина, урбанистички е уредена за лесна и незагадувачка индустрија, трговски единици, сместувачки капацитети, сервиси и стоваришта – изјави Заев.
Тој изрази верување дека оваа индустриска зона ќе биде предмет на интерес на голем број домашни и странски инвеститори, бидејќи овозможува брза и лесна комуникација со партнерите и пазарот од регионот со потенцијал од 20 милиони потрошувачи.
Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски потенцира дека се работи интензивно во новата индустриска зона „Новине“ која е во владеење на Општината, а самата изградба е помогната од средства на Владата искористени за изградба на примарната инфраструктира во зоната.
-Сакам да истакнам дека во постапка е и јавното наддавање. Постигнавме заштеди повеќе од три милиони денари во тендерската постапка и токму тие пари денеска се инвестираат во самата индустриска зона. Општина Куманово во соработка со Владата, ќе продолжи да инвестира во оваа индустриска зона. Во моментот сме во план да излеземе да ги дадеме парцелите на јавно наддавање и истите средства кои ќе се постигнат од продажбата на слободните парцели да ги реинвестираме во оваа индустриска зона, со цел да се овозможи и на домашните стопанственици а потоа и на странските инвеститори да инвестираат во сегментот на лесна и незагадувачка индустрија – потенцира градоначалникот Димитриевски.
Тој се заблагодари на сите инвеститори кои веќе имаат инвестирано во производни капацитети во оваа зона и ги охрабри останатите стопанственици да пројават интерес за инвестирање со цел унапредување на стопанството во Куманово.