Бразилец како бебе го прележал шпанскиот грип, стотина година подоцна и Covid-19

Бразилецот Рајмундо Леонардо де Оливеира, кој денес има 102 години, неодамна закрепнал откако заболел од Covdi-19, повеќе од сто години откако како деветмесечно бебенце го прележал смртоносниот шпански грип, и бил отпуштен од болницата „Сезар Леите“ во Минас Гераис на домашна нега на 31-ви август, пишува весникот The Daily Mail.

Виталниот 102-годишик на 17-ти август бил хоспитализиан на одделот за интензивна нега, а неговото семејство за бразилскиот портал G1 изјавило дека не бил интубиран, ниту бил ставен на респиратор, а по успешното закрепнување се вратил дома.

Сопругата на овој пензиониран земјоделец, 92-годишната Ниверсина Марија де Оливеира, исто така, се заразила со коронавирусот, поради што и таа извесно време минала на лекување во болница. Нејзиниот сопруг се разболел кога таа се вратила дома.

Внуката на сопружниците Де Оливеира, Кристина де Аморим, изјавила за новинарите дека семејството мислело дека повеќе никогаш нема да ги видат, откако било потврдено дека се заразени со новиот коронавирус, од кој во Бразил досега се заразени 4.330.455 лица, а од последиците предизвикани од него починале досега 131.625 луѓе.

На форографиите коишто на социјалните мрежи ги сподели семејството, Рајмундо позира во моментот кога го отпуштаат од болницата со тимот лекари и медицински персонал кој го лекувал.

„Првото што ми го кажа кога излезе од болницата е дека сум му недостасувала. А додаде и дека би каснал малку сирење и би испил сок од грозје“, рекла Де Аморим.

Сопружниците Де Оливеира се во брак 75 години и имале 14 деца, од кои девет сѐ уште се живи. Имаат и 22 внуци, 25 правнуци и две праправнучиња.

Во текот на пандемијата на шпанскиот грип која го зафатила светот во 1918 и 1919 година, со вирусот се заразила најмалку 500 милиони луѓе, а од последиците на болеста починале околу 50 милиони ширум светот. Но, се смета дека тие бројки биле и многу поголеми.