Јувентус го отвори првенството со победа, дебитантски гол на Кулушевски

Juventus Dejan Kulusevski jubilates after scoring the goal (1-0) during the italian Serie A soccer match Juventus FC vs UC Sampdoria at the Allianz Stadium in Turin, Italy, 20 September 2020. ANSA/ALESSANDRO DI MARCO

Најтрофејниот италијански клуб торински Јувентус во неделата ја отвори новата сезона во Серија А со сигурната домашна победа од 3:0 над Сампдорија, а стрелец на првиот погодок во ова првенство беше шведскиот репрезентативец со македонско потекло Дејан Кулушевски во својот дебитантски натпревар за „Старата дама“.

Ова беше првиот официјален натпревар на Јувентус под водство на новиот тренер Андреа Пирло, а итенресно е дека неговиот колега од спротивната страна Клаудио Раниери го забележа 400-от тренерски настап во Серија А. Дебитираше на клупата на Калјари пред 29 години а од 2007 до 2009 година го водеше вечерашниот противник. Рекорден е поранешниот тренер на Рома, Наполи, Болоња и низа други клубови, Карло Манцоне со 792 прволигашки натпревари.

Пирло, кој има задача да ја заживее играта на Јуве која освен резултати треба да донесе и допадливост, имаше доста проблеми со составување на екипата. Поради разни причини не можеше да смета на Пауло Дибала, Матијас де Лихт, Алекс Сандро и Федерико Бернадески, Гознало Игуаин го напушта клибот, а тренсферот на Един Џеко од Рома се комплицираше.

Поради тоа шанса да се појават во првата постава изненадувачки ја добија Вестон Меккени, Џанлука Фработа и Дејан Кулушевски, а последниот најдобро ја искористи шансата откако пред почетокот на дуелот му беше доделено признанието за најдобар млад играч минатата сезона во Серија А.

Кулушевски веќе во 12 минута со фантастичен погодок ги оствари замислите на Пирло да го отвори противникот, кој не се претстави како недостоен противник. Дваесетгодишниот Македонец во стил на искусен играч од некое метро во противничкиот шеснаесетник неодбранливо биеше во самиот долен лев агол на проивничкиот гол. Јуве во првото полувреме доминираше, а Кристијано Роналдо не успеваше да го зголеми водството од неколку многу изгледни шанси.

Во второто полувреме, кога Раниери во игра внесе тројца играчи со завидно искуство во Серија А, Сампдорија создаде неколку опасни ситуации пред голот на домаќинот чиј спасител во две прилики се покажа голманот Шчечни. Но токму таквата игра отвори шанса за брзите полуконтри на Јуве, кои ги реализираа Леонардо Бонучи во 78 и Кристијано Роналдо во 89 минута.

Сампдорија последниот успех против Јувентус на гости го има забележано на 6-ти јануари 2013 година со 2:1, а оттогаш претрпе седум порази и еднаш ремизираше.

Во другите неделни натпревари Џенова на свој терен со 4:1 го совлада Кротоне, а првиот велемајсторски погодок го постигна македонскиот репрезентативен капитен Горан Пандев. Елиф Елмас ги одигра последните десетина минути за Наполи кој со 2:0 славеше кај Парма, а Сасуоло и Калјари одиграа без победик 1:1.

Во саботата Фиорентина со 1:0 беше подобра од Торино, а Верона и Рома одиграа без погодоци.

Во понеделник Милан ја пречекува Болоња, а во среда играат Беневенто – Интер, Удинезе – Специја и дербито на колото Лацио – Аталанта.