Јанакиески бара продолжување на судењето за „Шпанските скали“, судот игнорира

Во македонското судство се е можно па така и обвинето лице за кое е одредена мерка домашен притвор да бара од судот почести рочишта, но судот тоа барање да го игнорира.

Поранешниот министер за транспорт и врски ,Миле Јанакиески, кој вчера условно беше осуден за предметот „Насилство во Општина Центар“, се наоѓа во домашен притвор од јуни 2019 година. Но, мерката му беше одредена за предметот „Шпански скали“, што не го покрена поранешното СЈО, туку Основното јавно обвинителство.

Според законските одредби и судскиот деловник, притворските предмети се водат како итни и за нив судот треба да закажува почести рочишта. Но, во пракса се случува нешто сосема спротивно. Судот овој месец имаше закажано само едно рочиште кое се одржа на 15 септември.

По ова, Јанакиески се обратил до претседателот на Судот и до Судечкиот совет со барање во октомври да има повеќе рочишта. И резултат на тоа барање е – ниту едно закажано рочиште во октомври за „Шпански скали“!

Судечкиот судија во повеќе наврати има истакнато дека за притворот на Јанакиески може да одлучува кога ќе ги види целосно доказите на обвинителството.

Да биде иронијата поголема, предметот „Шпански скали“ интензивно се судеше за време на прогласената вонредна состојба, а сега судот нема закажано ниту едно рочиште за цел месец октомври. А, следното е закажано за 10 ноември, што значи како притворски предмет цели два месеци ќе нема рочиште. Тоа, пак, автоматски значи дека Јанакиески останува во домашен притвор.

Предметот е на самиот почеток, зашто случајно или не, поради пропуст на Судот од почетокот како член на Судечкиот совет беше ставен поротник со истечен мандат, па и тоа што се судеше за време на вонредната состојба е паднато во вода. Обвинителството треба да почне со изведувањето докази дури на закажаното рочиште на 10 ноември.

Судот сега дава приоритет на предметот „Траекторија“, во кој се обвинети екс-премиерот Никола Груевски и неизбежниот Миле Јанакиески. Но, според законскиот член по кој Груевски е обвинет, за него предметот е и онака застарен, додека за останатите обвинети застарувањето може евентуално да дојде дури 2033 година.

Во „Шпански скали“ Јавното обвинителство поднесе обвинение против 11 лица, меѓу кои и поранешниот министер Јанакиески за незаконска продажба на четири атрактивни локации во центарот на Скопје.