СЈО бунар без дно, одговорност за потрошените милиони нема

Државниот завод за ревизија со вчерашниот извештај кој го објави анализираше дека исплатените надоместоци на поранешните вработени во СЈО во вредност од 4.6 милиони се незаконски. Имено како што стои во извештајот, исплатите биле доделени од првиот човек на СЈО, Катица Јанева.
– Специјалните обвинители од поранешното СЈО добиле додатоци во 2015 година поголеми од нивните плати, а во период од јануари 2016 до септември 2019 година по основ на надоместоци за почитување на принципот на тајност добиле вкупно 282.896.000 денари односно околу 4,6 милиони евра, за кои нема законско покритие, утврдил државниот ревиозор, се вели во соопштението од Државниот завод за ревизија.
Имено во ревизорскиот извештај нема детални информации како и кому биле делени овие надоместоци,а додатоците на плата, пак, генерално биле законски, освен во неколку месеци од 2015 година. Платите, пак, биле исплаќани во согласност со законите.
-Истакнуваме дека износот на исплатените додатоци за 2015 го надминува износот на исплатените средства за основната плата по лице. За овие додатоци на плата не се пресметани и исплатени придонеси за социјално осигурување, односно истите имале третман на надоместок за кој СЈО има платено само персонален данок на доход, се наведува во извештајот.
Во периодот од септември до декември 2015 година Катица Јанева, како и другите јавни обвинители по основ на додатоци на плата се исплатени пари во износ од 2.185.000 денари или 35,5 илјади евра.
Потоа во 2016 година, јавниот обвинител во СЈО има донесено нов правилник на плата на јавните обвинители кои се утврдени во проценти од основната плата и истиот започнува да се применува со испалктата на плата за март 2016 година. Заклучно со платата за август 2019 година, на јавните обвинители исплатени се средства во вкупен износ од 14.019.000 денари, по основ на додатоци, во согласност со законската регулатива.
За потрошените милиони во СЈО се огласија и од ВМРО-ДПМНЕ каде посочија дека СЈО не даде никаков резултат и за тоа треба да следи кривична одговорност за ваквото незаконско трошење на парите на граѓаните.
-Сите ние сме сведоци дека по основ на плати и трошоци за СЈО беа потрошени огромни суми на пари. Дополнително преку ДЗС дознаваме дека се потрошени 4,6 милиони евра. Единствениот резултат во работата на СЈО е случајот „Рекет“, е сега кога од една работа имаме резултат кој што е еднаков на нула, тогаш потребно е и да имаме кривична одговорност за ваквиот незаконски начин на трошење на парите на граѓаните. Но, најважно е да споменеме дека ниту СЈО, ниту СДСМ, ниту Зоран Заев испорачаа правда, велат од ВМРО-ДПМНЕ.