Пендаровски се обрати на бруцошите од Правен факултет

На Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска се одржа првиот академски час, во присуство на претседателот на државата Стево Пендаровски, ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски, проректори, деканот на Правниот факултет, проф. д-р Горан Коевски, како и професорите и студентите.

Претседателот Пендаровски истакна дека денеска има посебно задоволство и чест, како поранешен професор и поранешен студент на Правниот факултет, да ги поздрави студентите и да им посака успешни студии.

– Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како најстар во нашата земја, со децении продуцира кадри, кои со своето знаење и вештини се конкурентни и на пазар на трудот и кај нас и во странство. Од Правниот факултет на УКИМ, на кој и самиот имав чест да го оформам моето образование, излегуваат правници, адвокати, судии, политолози, политичари, новинари, кои имале и имаат своја улога во процесот на трансформација на Република Македонија во модерна, демократска и просперитетна држава, рече Пендаровски.

Тој се осврна и на пандемијата која го измени секојдневието на луѓето.

– Ја нема вообичаената атмосфера во студентскиот кампус. Меѓутоа, животот мора да продолжи и сите ние мораме во од да се адаптираме, рече Пендаровски.

Тој им порача на студентите да го користат секој момент да се стекнат со знаење и кога тоа не можат да го прават со физичко присуство, да ги користат новите технологии. Пендаровски им порача на студентите дека пред нив се најубавите години од животот, кога и ќе учат и ќе се дружат и им посака успешни студии.

Ректорот Јанкуловски истакна дека една од најдрагите обврски во првиот мандат му била обраќањето кон бруцошите. Таа чест му припаднала и на почетокот на вториот мандат.

– Прекрасно е чувството кое се раѓа гледајќи ги вашата младост, ентузијазам, интерес и желба за нови знаења. Со искрени емоции на радост, ви посакувам искрено и срдечно добредојде на УКИМ, најстариот, најзначајниот, најголемиот и најдобриот универзитет во нашата земја, нагласи проф. д-р Јанкуловски.

Тој исто така се осврна на пандемијата, која ги принудила професорите и студентите привремено да ги напуштат амфитетрите.

– На дел од факултетите наставата ќе се одвива онлајн, но на други хибридно, и онлајн и физичко присуство, информира проф.д-р Јанкуловски.

Тој им порача на студентите дека задача на професорите е да им пренесе на знаење, а нивна тие знаења да ги усвојат.

Декан на Правниот факултет, проф. д-р Горан Коевски, обраќајќи им се на бруцошите, им рече дека тие се посебна генерација по многу нешта. Родени се 2001 година, кога во нашата држава имаше конфликт, прва генерација деветолетка, генерација која не полагала државна матура, а сега и прва генерација на Правниот факултет во услови на Ковид.

Деканот, исто така истакна, дека оваа генерација има најмалку бруцоши, само 240, кои ќе им се придружат на околу 2000 активни студенти, на 80 професори и 15 административци.

Тој рече дека и покрај многуте скандали во државата, тоа не ги обесхрабрило, и се одлучиле да се запишат на Правниот факултет.