Македонија на второ место по загаденост во Европа, ништо од чистиот воздух што го ветуваше власта

Се уште не започната грејната сезона граѓаните на Македонија го дишат најзагадениот воздух во Европа. Според податоци на „Нумбео“ за 2020-тата година Македонија е меѓу првите земји во Европа по загадување. Македонија се на наоѓа на второто место по загаденоста на воздухот, а пред нас на прво место се наоѓа соседна Албанија.

И покрај ветувањата на премиерот Зоран Заев пред локалните избори во 2017-тата година дека неговите градоначалници ќе направат се за да го подобрат животот во општините, а исто така велеше и дека „немало слобода без чист воздух”, сепак државата се наоѓа на второ место во Европа по загаденоста.

ЗАБОРАВЕНО ВЕТУВАЊЕ

„Инвестираме 121 милиони денари за замена на постоечките нееколошки системи за греење, за набавка на прочистувачи за воздух за градинките, училиштата и здравствените и административните објекти, како и за инсталирање филтри во малите и средни претпријатија кои испуштаат штетни материи во воздухот. Квалитетна и здрава животна околина е еден од основните предуслови за квалитетен живот на сите граѓани во Република Македонија, и заложба на Владата на Република Македонија. Чистиот воздух е една од главните компоненти, кој, за жал, историски гледано во Република Македонија, во последните децении, бележи високи вредности, стои во соопштението на владата“, напиша Заев на социјални мрежи во 2019-тата година.

-На Скопје му е потребна итна стратегија за чист и квалитетен воздух. Затоа, по победата на локалните избори, како нова градска власт ќе преземеме низа краткорочни и долгорочни мерки за намалување на загадувањето“, изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов во септември 2017 година.

Прв и најважен чекор за намалување на загадувањето е смената на власта. Само нова и одговорна власт може да го намали загадувањето на воздухот. Само нова и одговорна власт може да го подобри квалитетот на животот на граѓаните“, истакна поранешниот министер, Дамјан Манчевски во октомври 2016 година.

Многу гласови власта доби поради ветувањата за чист воздух.

МЕРНИ СТАНИЦИ ВОН ФУНКЦИЈА

Пред неколку дена медиумите излегоа со информација дека оваа есен шест државни мерни станици нема да го покажуваат нивото на загадување. Од 17 мерни станици во државата под министерството за животна средина, податоци за ПМ 10 и ПМ 2.5 честитките во воздухот не покажуваат во Карпош 4, Миладиновци, Битола 1, Струмица, Лазарополе и мобилната станица која моментално е во Ѓорче Петров. Не работат поради тоа што се расипани или стари.
Екологистите потенцираат дека граѓаните имаат право да знаат колкаво е нивото на загаденост во нивното место на живеење, па дури на државно ниво. Ваква обврска Македонија има и пред Европската Унија. Според Елена Николовска од Еко – свест, загаденоста треба повеќе да се мери кај тешките индустрии.

-Нас ни е потребно оваа мрежа да се прошири, да имаме во сите населени места мерни станици. Тие да мерат што повеќе загадувачки супстанци во воздухот, како би можеле точно да го лоцираме аерозагадувањето и да му пристапиме на проблемот, бидејќи мерењето е клучно за да го направиме ова“, вели Елена Николовска, од „Еко – Свест“.