
Капитенот Горан Пандев на денешната официјална прес-конференција го искажа својот став пред утрешниот бараж со Косово.
„Сакам да им се заблагодарам на сите што помогнаа околу моето доаѓање бидејќи ја знаевте мојата ситуација во мојот клуб. Желбата моја и на сите во Фудбалската федерација, во нашата Амбасада во Италија, беше преголема за јас да бидам на овој натпревар. Стварно од срце им благодарам на сите“, се заблагодари Горан кому властите во регионот Лигурија не му дозволуваа да ја напушти Италија, но сепак еве, сега ѝ е на располагање на репрезентацијата.
„Сега сум сконцентриран само на овој натпревар, знаеме за нас што значи. Атмосферата е одлична, се спремаме како и за сите натпревари, знаеме што ни носи овој натпревар, имаме доста искуство. Жално ќе биде што нема да има публика, што и двете репрезентации нема да настапат комплетни бидејќи моја желба беше да играме пред полн стадион, да играме и двете репрезентации комплетни. Тоа ќе беше еден одличен натпревар. Што е, тука е, ние сме спремни и се надеваме на победа“, вели Пандев.
„Мислам дека нијанси ќе го одлучат овој натпревар. Но, како што кажав, ние сме спремни, знаеме секој натпревар што ни носи во репрезентативниот дрес, треба да влеземе со ладни глави, имаме доста искусни играчи кои имаат играно многу важни натпревари и мислам дека нема да има никаков проблем дека емоции можат да нѐ совладаат. Сите гориме од желба да го добиеме овој натпревар и се надевам дека на крајот сите заедно ќе се радуваме“, оптимист е Пандев.
„Една недела немав ниту еден тренинг, бевме затворени во карантин, не му го посакувам тоа никому. Најзаслужни за моето доаѓање се селекторот, Фудбалската федерација на чело со Бојан секретарот кој 24 часа беше на врска, македонската Амбасада во Италија, потоа мојот клуб заедно со докторот. Тој е позитивен, но ноправи сѐ за да можам да дојдам. Луѓето во Џенова знаеја што значи овој натпревар за мене и колку сакам да дојдам. Направија сѐ за мене. Некои луѓе сакав барем некоја порака да ми пратеа да ме прашаат како сум, но изгледа многу се зафатени со градење терени“, емотивно проговори Пандев за сета она анеизвесност околу неговото доаѓање.
Македонија – Косово се игра утре вечер од 20:45 часот на „Тоше Проески“ стадионот во Скопје.