Канцеларијата на ЕУ во Приштина денес објави дека се повлекува од процесот за надзор над изборот на нови членови на Обвинителскиот совет на Косово и изборот на главни обвинители.
ЕУ се одлучи на тој потег само еден ден откако Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Приштина објави дека се повлекува од тој процес.
– Ние ја зедовме во предвид загриженоста изразена од САД. ЕУ исто така има свои дилеми и одлучи да се повлече од процесот, сè додека не се разгледа и спроведе во согласност со соодветните закони и регулативи – рече портпаролот на Канцеларијата на ЕУ во Косово, Динка Живалј.
Американската амбасада во петокот вечерта објави дека се повлекла од процесот за надгледување на изборот на нови членови на Обвинителскиот совет на Косово и изборот на главни обвинители. Амбасадата остро реагираше на процесот на избор на нови членови на обвинителскиот совет и главни обвинители и од тие причини најави дека нема да продолжи да го следи ваквиот процес.
Во соопштението, исто така, се наведува дека изборниот процес е функционално нарушен затоа што нема транспарентност и се нагласува дека целата постапка е во судир на интереси.