3.8 C
Skopje
понеделник, февруари 24, 2025

Индија со најголем број новозаразени во светот, над 7 милиони имаат корона

Индија стана втора земја по САД што забележа повеќе од седум милиони случаи на ковид-19, додека пандемијата продолжува рапидно да се шири во таа јужноазиска земја.

Индиското Министерство за здравство денеска објави дека во последните 24 часа се пријавени 74.383 нови случаи на коронавирус. Бројот на заразени лица кои починале се зголемил за 918.

Вирусот се шири со застрашувачка брзина во Индија откако властите започнаа со ублажување на рестриктивните мерки кон крајот на мај.

Првиот случај на ковид-19 во Индија е регистриран на 30 јануари, а на 16 јули имало еден милион заразени. Оттогаш, бројот се зголемува експоненцијално на шест милиони случаи за помалку од три месеци.

Неодамнешните трендови покажуваат пад од просечно 70.000 случаи на ден во последните три недели во споредба со 90.000 дневни случаи во првите две недели од септември.

Иако бележи опаѓачки тренд на нови инфекции, повеќе од еден месец Индија сè уште има најголем дневен број на случаи во светот.

Експертите предупредуваат дека тоа може да биде привремено затишје бидејќи зимата се приближува заедно со сезоната на хинду фестивалот, а повеќе луѓе се враќаат на своите работни места.

Оваа земја со 1,3 милијарди луѓе може наскоро да го заземе неславното прво место од САД по бројот на заразени.