Пенс вели дека неколку вакцини за коронавирусот може да бидат одобрени до крајот на годината

Неколку вакцини против коронавирусот може да бидат подготвени за користење до крајот на годината во САД, изјави во понеделникот американскиот потпретседател Мајк Пенс во разговорот за телевизиската мрежа Fox News.

„Гледаме дека бројот на инфекциите со коронавирусот се зголемува во земјите од централна Европа. Ова е глобална пандемија. Не можеме да кажеме дека сето ова е зад нас сѐ додека не добиеме безбедна и ефикасна вакцина“, рече американскиот потпретседател.

„Во моментов се движиме кон тоа да имаме една или повеќе сигурни вакцини против коронавирусот до крајот на оваа година“, додаде Пенс.

Истакна дека некои од нив веќе влегле во пороцесот на производство.

„Веднаш штом управата за контрола на квалитетот на храната и лекови одлучи дека тие (вакцините) се безбедни и ефикасни, можеме да распределиме милиони дози за населението во нашата земја“, дополни Пенс.

Американската влада овозможи финансирање во износ од 1,2 милијарди долари за британско-шведската фармацевтската компанија „AstraZeneca“ која развива вакцина за Covid-19 во соработка со британскиот универзитет Оксфорд. Покрај тоа, САД издвоија и 486 милиони долари за американската биотехнолошка компанија „Moderna“ и уште 456 милиони доалри за компанијата „Johnson & Johnson“. На развој на вакцината за коронавирусот во САД работат и компаниите „Merck“ и „Pfizer“. Според податоците од Белата куќа, американската администрација инвестирала 12 милијарди долари во овие проекти.

Според последните податоци од институтот при Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во САД досега се регистрирани над 7,7 милиони случаи на заразеата, а повеќе до 214 илјади луѓе починале од компликации предизвикани од компликации од коронавирусот, кои се најголемите показатели во светот.