
Мислам дека треба да покажеме зрелост пред сѐ како политичари, овие локални избори, посебно делот на изборот на градоначалници да не трошиме пари во онака тешката економска состојба во два круга. Мислам дека треба да заврши изборниот циклус посебно во делот на градоначалниците во еден изборен круг и тоа е вистинска реформа која што треба да ја направиме и на тој начин ќе заштедиме милиони пари од граѓаните и истите тие милиони може да ги насочиме за таблети и лаптопи за децата да можат да следат настава онлајн, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостување во емисијата „Само интервју“.
Тој укажа дека ВМРО-ДПМНЕ е принципиелно против една изборна единица и да се менува изборниот модел неколку месеци пред избори. Според него, може сега да се седне и да се разговара за промена на изборниот модел
– Ние може сега да седнеме и да разговараме за промена на изборниот модел. Зошто да не биде пола-пола, да речеме да имаме 60 мнозински изборни единици и една изборна единица која што ќе даде 60 пратеници, зошто да не зборуваме за 120 мнозински – додаде Мицкоски.
– Јас зборував јавно на темата дека ВМРО-ДПМНЕ попис во кој што не е вклучен во изработка на закон или во телата не може да поддржи од проста причина затоа што комплетно игнорантскиот однос од страна на власта е најголем проблем во оваа држава. Нас не ни е потребна операција на попис заради исполнување на било какви бројки. Нас ни е потребно операција за дефинирање на статистички параметри во државата – нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека ако власта размислуваше стратешки и ако навистина работеше Македонија ќе имаше нови автопатишта, училишта и градинки.
– Отиде милијардата, прашање е дали ќе има нова милијарда. Да знаеше како треба да се искористат парите ќе имаше три нови автопати, и пругата ќе се направеше, и училишта ќе се реновираа, градинки ќе се реновираа и ќе имаше пари и за градежните компании – истакна Мицкоски.