Mинистерот за надворешни работи, Бујар Османи, порача дека нема нов догоговор со Бугарија, туку зајакнување на меѓусебната комунијација на сите нивоа.
-Околу односите со Бугарија и мојата посета, сакам да истакнам: нема нов Договор, туку има засилување на меѓусебната комуникација на повеќе нивоа. Притоа отворено разговараме за сите прашања кои произлегуваат од Договорот за пријателство, ги преземаме сите чекори за да им обезбедиме на Комисиите непречена работа, за што испративме јавна благодарност за нивниот досегашен резултат, како и охрабрување за интензивирање на нивната работа. Впрочем, Мешовитата експертска комисија веќе утре и задутре ќе одржи средба во Скопје, што ќе претставува уште еден чекор кон исполнување на обврските од договорот – вели шефот на дипломатијата.
Османи истакнува дека посетата на Бугарија била позитивна, затоа што се отвориле сите прашања, се зајакнала меѓусебната комуникација, но најважно, се реафирмирала заедничката желба и заедничкиот интерес за европската перспектива на Република Македонија.
-Тоа јавно го истакнав и јас во Софија, а го потврдија и премиерот Бојко Борисов и министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева. На крајот, дозволете да повикам на сериозност и политичка зрелост. Односите со соседите не се регулираат со пласирање секојдневно информации во јавноста, а уште помалку шпекулации или тенденциозни изјави кои имаат за цел да ја вжештат атмосферата. Европската перспектива е предизвик за целата земја, а не само на Владата, и претставува обврска за секој од нас – вели Османи.