Мицкоски му порача на Филипче да ја консултира опозицијата ако сака поддршка за антиковид мерките

Не може власта да бара поддршка од опозицијата, без претходно да биде консултирана , порача во саботата челникот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвинувајќи ја актуелната власт дека никогаш не се консултирала со опозицијата во чии редови има врвни медицински авторитети и пособено од областа на епидемиологијата при носењето мерки против ширењето на коронавирусот.

 

Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ стои на располагање со сиот свој потенцијал да им помогне на граѓаните, па дури, како што вели, и да соработува со „незнајковците од политичката“ Комисија за заразни болести на СДСМ и Зоран Заев.

„Не може да се носат мерки и потоа на маса да се истураат истите мерки, а потоа да се бара поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Кој од тие луѓе ќе се надмине себеси еднаш во овие четири години, еднаш нека се спуштат на земја, нека седнат да разговаат со граѓаните, да разговараат со опозицијата, не говорам само за ВМРО-ДПМНЕ, тука има и други опозициски партии, има и во албанскиот политички блок. Станува збор за здравјето на граѓаните, станува збор за здравјето на нацијата. Не може некој да се затвори во канцеларија и да носи политички мерки, а потоа да бара поддршка од опозицијата. И на крајот од денот кои се тие мерки, ние сѐ уште не сме ги виделе тие мерки, па за да можам јас да одговорам на вашите прашања. Нека ми каже некој кои се тие мерки, за каков закон станува збор, па ние еве носиме маска, тоа се мерки кои што веќе постојат, не треба сега ново гласање за тоа, ако треба ќе ги поддржиме ако е за носење на маска на отворено. Ама не е тоа суштината секојдневно броиме мртви луѓе, секојдневно имаме лимени ковчези, едно место помалку на трпезата во најмалку од едно до седум македонски семејства. За какви мерки зборуваме, за оние во „Аватар“? Ги молевме да го затворат „Аватар“ со месеци. Зошто, затоа што биле блиски до семејството на власт, денеска Вухан ни е Струмица, па неговиот роден град е таков. За кои мерки зборуваме, за одговорност никому ништо, па згора на се се силат“, рече Мицкоски.

Му порача на министерот за здравство Венко Филипче викендов да го консултира.

„Изјавата на министерот е следна – размислуваме, ќе ја следиме ситуацијата овој викенд, да бидам прецизен и од понеделник, вторник ќе излеземе со пакет мерки. Да ги видиме кои се тие, еве викендов можеа да го искористат да ме консултираат, што не не консултираа, сега само ние можем да погодуваме кој што мислел и како мислел’,. додаде Мицкоски.