Коронавирусот во Европа: Рекорди во Полска, Словачка и Чешка, Ирска со преоптоварен систем

Полска, Словачка и Чешка повторно забележале рекорден број нови случаи на зараза со коронавирусот на дневно ниво, а во Варшава предупредија во средата дека здравствениот систем е преоптоварен, додека Ирска не успева правовремено да ги контактира заразените и нивните блиски контакти.

Бројот на случаите на заразата во Полска, која има 38 милиони жители, на дневно ниво тројно се зголемил за помалку од три седмици. Полска со рекордните 10.040 случаи во последните 24 часа надмина 200.000 заразени, а само до 4-ти октомври имаше малку повеќе од 100.000 заразени. Починале уште 130 лица, па сега бројот смртни исходи е 3.851.

Долниот дом на полскиот парламент одржува вонредна седница во средата на која ќе се расправа за предложениот закон од владејачката парија Право и справедливост (PiS), чијашто цел е да го деблокира преоптоварениот здравствен систем.

Владиниот советник за пандемијата на коронавирусот, Анджеј Хорбан, изјави претходно во средата дека 10.000 случаи на коронаинфекцијата дневно е горната граница која здравствениот систем може да ја издржи.

Во Полска во болниците се сместени 9.439 пациенти со коронавирусот, од кои 757 се на респиратори, соопшти министерството за здравство.

Чешка во последните 24 часа забележала, исто така, рекордни 11.984 зарази. Во земјата со 10,7 милионско население, починале уште 106 лица. Вкупно од почетокот на епидемијата во земјата се регистрирани над 194.000 случаи на зараза, а починале 1.619 луѓе.

Заменикот на чешкиот премиер и министер за внатрешни работи Јан Хамачек е позитивен на коронавирусот, потврдил во средата. Тој е челник на Социјалдемократската партија, која е партнер во владејачката коалиција и исто така е шеф на кризниот штаб во пандемијата на коронавирусот.

Соседна Словачка, која има 5,5 милиони жители, забележала 2.202 нови случаи во последните 24 часа најмногу од почетокот на епидемијата во земјата, објави министерството за здравство во средата.

Од почетокот на епидемијата земјата бележи вкупно 33.602 случаи на коронаинфекција, а откако во последните 24 часа немало нов смртен исход, бројот починати останува 98 лица.

Во Ирска е преоптоварен ситемот за следење контакти на заразените лица. Властите им советуваат на лицата кои се позитивни на коронавирусот сами да ги идентификуваат своите блиски контакти и да им се јават.

Ирската влада претходно годинава вработи стотици луѓе за следење и контактирање на заразени и брзо регистрирање на блиските контакти, но здравствените власти предупредија во средата дека не стасуваат да ги забележат сите поради остриот раст на заразените изминатите денови.

Ирска последните 14 дена забележала 253 случаи на коронаинфекција на 100.000 жители.

Земјата која има 6,5 милиони жители, од почетокот на епидемијата забележала вкупно 52.256 случаи на заразата со 1.263-те случаи во последните 24 часа. Со новите 13 жртви, пак, вкупниот број смртни исходи достигна 1.865.