Данските власти се подготвуваат да ги заколат сите 17 милиони куни откако на фармите на северот од земјата е откриена мутирана верзија на коронавирусот SARS-CoV-2 која може да се прошири на луѓето, соопшти во средата премиерката Мете Фредериксен.
Данска, инаку, е најголемиот светски произведувач на крзно од куните, а премиерката Фредерискен посочи дека мутираниот вирус преставува „ризик за ефектот“ од идната вакцина против Covid-19. Таа ја опиша ситуацијата како „многу, многу сериозна“.
Според порталот TVS, во моментов мутираниот коронавирус е идентификуван кај 12 лица. Неговата особеност се состои во тоа што ја слабее способноста на организмот за формирање антитела, а тоа може да доведе до проблеми при користењето на вакцините против Covid-19. Со тоа, животните кај кои е присутен мутираниот вирус може да станат закана во борбата против ширењето на новата инфекција.
„Сите куни во Данска треба да бидат уништени. Вие ја губите работата што сте ја работеле целиот живот, која се пренесува од поколение на поколение. Ова е црн ден за мене и за сите кои работат во оваа индустрија. Владата го сфаќа тоа“, изјавила Фредериксен.
Прецизирала дека инфекцијата со коронавирусот е откриена на 207 фарми, 67 од нив веќе ги загубиле сите животни, а во 23 ситуацијата е неизвесна. Властите, додала Фредериксен, се обиделе да пронајдат друго решение за проблемот, но ризикот од ширење на мутираната зараза „е преголема“.
Данските власти се убедени дека новата мутација на вирусот може да се прошири не само во Данска, туку и во другите земји.
„Имаме голема одговорност кон сопственото население, но со мутацијата која сега е пронајдена имаме уште поголема одговорност за остатокот од светот“, изјави во четвртокот на прес-конференција премиерката Фредерискен.
Војската и данската агенција за управување со вонредни состојби ќе им помогнат на фармерите во уништувањето на животните. Полицијата, исто така, објави дека колењето на животните кои се одгледуваат на повеќе од илјада фарим, би требало да започне што поскоро. Шефот на полицијата, Торкилд Фогде изјавил дека станува збор за „многу голем потфат“.
Случаите на коронавирусот кај куните се откриени на фарми во данската северна покраина Јутланд, а во други делови на Европа од пред неколку месеци. Но слуачите во Данска брзо растат, а на фармите се утврдени пет случаи на новиот сој на вирусот.
Шпанија во јули закла 100.000 куни откако се пронајдени случаи на зарази на фарми во покраината Арагон, а десетици илјади животни беа уништени во Холандија откако изби инфекцијата на тамошните фарми.
Во тек се истражувања со коишто треба да се утврди како и поради што куните се способни да го добијат вирусот и да ја прошират заразата.