Привремено ќе се запре производство на електрична енергија од хидропотенцијалите, заклучено е на денешната средба на премиерот Зоран Заев со министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа и директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски.
Оваа, како што соопшти владината прес- служба, е потребно за да се заштити животната средина и биодиверзитетот кој е загрозен од неповолната хидролошка состојба на природните езера и вештачките акумулации каде што АД ЕСМ има хидроелектрани.
„Со оглед на тоа што според сите показатели и споредбени просеци во изминатите 15 години, 2020 година е исклучително лоша во однос на хидролошката состојба, како и со оглед на поинтензивната работа на хидроелектраните во одреден период во последните неколку месеци поради елементарните непогоди во рудниците во РЕК Битола, водата во езерата се искористи во пообемна мера и секој понатамошен истек ќе го загрози еколошкиот минимум на котите, неопходен за живиот свет“, наведуваат од Владата.
Според годишниот план за работа на АД ЕСМ, на почетокот на грејната сезона кога е зголемена побарувачката на електрична енергија, беше предвидено вклучување во системот на РЕК Осломеј, каде што е обезбедена техничка подготвеност на термоелектраната. Сепак, во овој момент термоцентралата не може да биде ставена во производство поради исто така неповолна хидролошка состојба на системот Студенчица, од каде се обезбедува вода за разладната кула.
Во РЕК Битола се работи со два блока, додека на Блок 3 се изведува капитален ремонт.
Од наведените причини, на состанокот е заклучено АД ЕСМ за своите потреби за системски, балански услуги да набави електрична енергија преку својата фирма ЕЛЕМ Трејд, до нормализирање на природните услови кои ќе овозможат оптимално производство на капацитетите кои директно или посредно користат вода во производниот процес.
Заклучено е во наредниот период, АД ЕСМ преку својата фирма ЕЛЕМ Трејд да купува и продава електрична енергија, во зависност од берзанската цена на струјата и цената на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, а во насока на заштита на интересот на граѓаните за одржување на цената за домаќинствата на стабилно ниво, како и можна поголемa добивка за буџетот.