Експрес: Македонија се обврзала да „обесхрабрува” приватен „говор на омраза” кон Бугарија

Според нон пејперот што бил договорен во Берлин, подоцна одбиен од Софија а кој денеска го објави австриски новинар Македонија се обврзала да обесхрабрува приватни лица коишто ќе иницираат насилство, говор на омраза и други активности што може да им наштетат на македонско–бугарските односи, пишува во понеделникот порталот Express.mk

Како што се наведува во текстот на порталот,  тоа практично значи дека македонските власти освен институциите ќе може да ги обесхрабрува и новинари кои што ќе пишуват нешто што не и се допаѓа на Софија или го смета за омраза.

Според тоа, доколку се поаѓа од фактот дека Бугарија негира дека во Втората светска била фашистичка земја, тоа значи дека новинарите што пишуваат дека масакрот во Ваташа го сторил фашистичкиот бугарски окупатор ќе бидат „обесхрабрувани“ од Владата во Скопје.

Што точно се подразбира под терминот „обесхрабрување“?! Дали тој подразбира и кривично-правни мерки и кој ќе одлучува дали некој шири говор на омраза, во нон пејперот не пишува, прашува Express.mk.

Во точката 6 од документот се зборува и за ефикасни мерки за спречување на злонамерна пропаганда без да се прецизира што е тоа ефикасна мерка и дали тоа вклучува забрана за објавување и цензурирање на ставови на новинари и граѓани кои нема да ѝ се допаднат на Бугарија.

Член 6 од Нон Пејперот

Бугарија и Македонија официјално ќе го потврдат членот 11 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, вклучително и малцински прашања и повторно ќе се обврзат да преземат ефикасни мерки за спречување на злонамерна пропаганда од институции и агенции и да ги обесхрабрат активностите на приватните субјекти насочени кон поттикнување на насилство, омраза и други слични активности што можат да бидат штетни за нивните односи.