Нови измени во позитивната листа

Дваесет и три генерики односно 85 заштитени имиња стануваат подостапни за 250.000 осигуреници од 8 јули 2014 година. Односно 733.000 рецепти осигурениците побрзо ќе ги реализираат.

Новите промени во Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот се направени по барање на лекарите, но и врз основа на анализите на ФЗОМ, според кои се оцени дека има и медицинско оправдување за новата либерализација на овие лекови од позитивната листа.Одлуката објавена во Службен весник на РМ со број 98 од 30 јуни 2014 година,опфаќа 2 измени во делот на режимот на пропишување на одредени лекови.

Има промена во режимот на пропишување од лек за употреба во болнички услови во лек кој може да се издава на рецепт во примарна здравствена заштита.

„Измена е донесена со цел поедноставување на постапката за добивање на лек на товар на Фондот. Лековите опфатени со оваа промена ќе може да се издаваат на рецепт во примарна здравствена заштита и да се подигнуваат од аптека со договор со ФЗОМ. Досега пациентите на кои им биле пропишани овие лекови биле приморани да ги купуваат со сопствени средства и да бараат надоместок (рефундација) на средствата од Фондот или истите ги подигале од болниците што претставуваше дополнително оптоварување за осигурениците.Измените опфаќаат 10 лекови по генерика со фармацевтска дозажна форма и јачина, односно 16 заштитени имиња на лекови,“ информираат од ФЗОМ.

Лековите кои се префрлаат од болничка на примарна позитивна листа се лекови за епилепсија за паркинсонова болест, антидепресиви, лекови за трансплантација на органи и ткива и лекови за автоимуна невромускулна болест мијастенија гравис.

Има промена и кај лековите кои ќе може да ги пропишува избран лекар без претходна препорака од специјалист или субспецијалист. Како и претходната измена и оваа измена е донесена со цел поедноставување на постапката за добивање на лек на товар на Фондот.

„Новиот режим на пропишување овозможува лековите кои се опфатени со погоре наведената Одлука, за кои досега беше потребна препорака од лекар специјалист или од лекар субспецијалист од повисоко ниво на здравствена заштита, сега ќе може самостојно да ги пропише избран лекар. Со ова ќе се намали бројот на упатувања, односно 250.000 дополнителни термини би се ослободиле во клиниките и болниците, а со тоа и повеќе време ќе имаат специјалистите да посветат внимание на пациентите. Придобивка за осигурениците е дека ќе се скрати и времето кое што досега беше потребно да се добијат овие лекови на рецепт на товар на Фондот. Особено за осигурениците кои досега требале да патуваат до здравствените установи од повисоко ниво во други градови, а сега ќе можат само со посета на избраниот лекар да добијат рецепт за овие лекови,“ објаснуваат од Фондот.