При редовна процедура за чистење на филтер за масло на турбогенератор, утрово околу 8.15 часот дошло до протекување на турбинско масло и запалување на истото во делот на машинската хала во подружница на „Енергетика“, информираат од АД ЕСМ (Електрани на Северна Македонија).
Од таму додаваат дека со брза интервенција на вработените пожарот бил локализиран, пред пристигнување на противпожарните екипи од кругот на населбата Железара и на град Скопје.
„За време на настанот и после настанот немаше прекин на преносно-дистрибутивниот систем за електрична енергија и нема прекин во снабдувањето и дистрибуцијата со топлинска енергија“, се наведува во соопштението во кое се додава дека инцидентот бил пријавен и во МВР.
Во моментов се работи на превземање на мерки и активности за понатамошна заштита на турбогенераторот и останатата опрема од несакани последици.
Преку системот на Енергетика-АД ЕСМ, со парно греење се снабдуваат 3.700 корисници во скопските населби Железара, Автокоманда, Триангла, Маџари и Хиподром.