Лекот „фавипиравир“, кој според светските клинички студии дава позитивни ефекти при третман на лекување на коронавирусот, се очекува набрзо да пристигне во државава, изјави за МИА директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Љирим Шабани.
Лекот е одобрен од Агенцијата за лекови и се продава со различни трговски имиња „авиган“ од Јапонија и „фавира“ од Турција.
– Една од компаниите најверојатно ќе го донесе „авиган“ оргинаторот, оргиналиот лек од Јапонија, а кога ќе биде тоа зависи од техничките услови. Тие имаат одобрение уште денеска, уште утре да го донесат, но кога ќе го донесат тоа не зависи од наша страна. Другата компанија сака да го увезе лекот „фавира“ од Турција и тој го одобривме откако ги проверивме сите сертификати. Турција е поблиска и најверојатно многу брзо ќе биде достапен кај нас. Лекот се очекува набрзо да пристигне во државава – рече Шабани.
Претходната недела добиле барања од страна на лекарите специјалисти и со оправдано писмо за користење на лекот во државава веднаш после тоа постапиле, ги разгледале сите барања. Конечно во петокот се исполниле сите услови во делот на проверка на сертификати и сите други законски обврски и добиле мислење и од Комисијата за заразни болести за на крај да одлучат тој лек да го одобрат како интервентен увоз во државава.
– Главна намена на лекот, главна индиција не е коронавирусот, туку е за нешто друго. Тој се употребува веќе шест години во Јапонија. Искуствата, стручните студии, клиничките студии, што ги прават во целиот свет покажуваат дека дава позитивни ефекти при третман на лекување на коронавирусот. Нашите лекари тоа го потврдуваат и на нивно барање и стручно мислење ние го одобривме. Лекот ќе биде дистрибуиран главно во болниците – нагласи Шабани.
Од друга страна, пак, Агенцијата за лекови и медицински средства денеска соопшти дека пациентите ќе можат да го обезбедат лекот само врз основа на рецепт и по препорака на лекар. Што е точно? Дали матичните лекари ќе можат да го пропишуваат лекот на пациентите што се лекуваат дома со цел да се олеснат симптомите и да се намали смртноста?
„Правилната и рационална употреба на сите лекови е во интерес на заштита на вашето здравје. Затоа, пред да земете лек, задолжително консултирајте се со вашиот лекар кој најдобро ќе ве упати на начинот на користење и употребата на лекот“, се вели во соопштението на Агенцијата.
Во врска со тоа дали има најава за увоз на друг лек, рече дека засега ја чекаат вакцината против ковид-19.
– Сите сме во очекување да почне дистрибуцијата на вакцината против коронавирусот и ние што побрзо да добиеме одреден број количини. Во моментот кога ќе стигнат тие количини во државата веќе имаме пропишани прописи како тоа сѐ да го изведеме до крај – додаде Шабани.
МИА