Првиот и единствен црнечки градоначалник на Њујорк, Дејвид Динкинс, почина во 93-та година

Дејвид Динкинс, чијашто историска победа во 1989 година како прв и досега единствен црнечки градоначалник на Њујорк набрзо беше помрачена со раст на невработеноста, криминалот и расни безредија, поради што и не беше повторно избран, починал во понеделникот во својот дом во 93-та година од животот, соопшти њујоршката полиција.

Динкинс е роден во 1927 година во Њу Џерси, во семејство на бербер. Образованието го стекнал на историскиот црнечки универзитет Хоуард и на правниот факултет во Бруклин. Градоначалничката должност ја извршуваше во периодот од 1990 до 1993 година.

Неговиот наследник на должноста, Рудолф Џулијани, му одаде почест на Twitter во понеделникот вечерта истакнувајќи дека Динкинс „посветил годлем дел од својот живот во служба на нашиот прекрасен град. Таа негова служба сите ја почитуваат и му одаваат почест“.

По момчештвото минато во Њу Џерси, Динкинс се преселил во Харлем каде што напредувал во локалните политички кругови.

Во времето кога ја преземаше градоначалничката должност, Динкинс го опиша Њујорк како „величествен мозаик од раси и вери, национално потекло и сексуални ориентации, поединци чиишто семејства пристигнале вчера или пред неколку поколенија, доаѓајќи преку островот Елис или аеродромот Кенеди, или во автобусите за пристанишната капетанија“.

Меѓутоа, „Големото јаболко“ во тоа време го мачеа бројни проблеми, растечка невработеност и бездомништво, зголемување на стапката на убиства и криминал, како и расни безредија.

Своевремено Динкинс го заживеа Тајмс Сквер и потроши милиони долари за санација на становите во некои од најзагрозените делови на градот, како што беа Харлем и Бронкс. Неговиот пристап е опишуван како „тивок и понекогаш премногу мек“.

„Дејв, стори нешто!“, осамна на насловната страница на дневниот весник The New York Post во 1990 година, во текот на неговата прва година од градоначалничкиот мандат.

И неговиот пораз на изборите се сведе на неговото решавање на расните немири во Краун Хајтс во Бруклун, во 1991 година, откако црно момченце смртно настрада под автомобил во колоната на ортодоксниот еврејски верски водач.

Во мемоарите објавени во 2013 година, Динкинс ги призна погрешните чекори во текот на својот мандат. Сепак, фактот што победата на изборите за градоначалник во 1989 година беше тесна и што по четири години беше поразен од Џулијани, го објасни со тоа што е црнец.

„Мислам дека тоа беше само расизам, чист и едноставен“, тврди Динкинс во книгата „Животот на градоначалникот: Владеењето со њујоршкиот величествен мозаик“, напишана со Питер Ноблер.